Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОХРИДСКИТЕ МАТУРАНТИ ТАНЦУВАА КВАДРИЛ
Untitled Document

По седми пат, точно напладне, денеска, на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ се одржа Матурската парада на која 360 матуранти  танцуваа квадрил на музика од штраусовата опера „Лилјакот“.

Пред матурантите и присутните граѓани се обрати градоначалникот Бакрачески:

Почитувани матуранти, почитувани родители, Ви ја честитам матурата и Ви посакувам здравје, успех и многу пријатни моменти во животот.
Охрид денес е дел од еден голем интернационален настан на матурантите од 11 држави во Европа, кои сите заедно под звуците на Штраус, ќе танцуваат КВАДРИЛ на МАТУРСКАТА ПАРАДА 2013. Охридските 360 матуранти во еден такт со своите врсници од другите стотина градови, денес почнуваат да го прославуваат завршувањето на дел од својата кариера, оној дел од заедничко дружење во средношколските клупи и делењето на заеднички моменти кои остануваат засекогаш врежани во човечката меморија.
Почитувани матуранти,
Пред Вас е отворен пат кој секој посебно ќе го осмислува и секој посебно ќе го поминува. Бидете достоинствени, бидете храбри да се соочите со предизвиците кои секогаш стојат пред човекот. Бидете цврсти во Вашите одлуки да напредувате во животот, само на оној начин кој нема да ги наруши човечките етички вредности. Посветете се на стекнување на повисоко образование, на стекнување на вистинско знаење, зошто тоа е патот кон успехот и една од работите која во животот никогаш нема да може да Ви биде одземена. Но пред се, бидете среќни и направете и другите да се чувствуваат среќни со Вас.
Почитувани родители и роднини на матурантите,
Знам дека денес се чуствувате горди на Вашите деца и таа гордост ја споделувам со Вас. Бргу поминуваат деновите кога овие матуранти пред нас, само до неодамна ги гледавме како деца на кои им го посветувавме целото наше внимание. Тие сега се луѓе кои самостојно ќе влегуваат во светот на воздрасните. Ние само треба да бидеме секогаш покрај нив за да им даваме поддршка во моментите на некоја нивна дилема.
Почитувани матуранти,
Уште еднаш Ви ја честитам матурата и Ви посакувам здравје, среќа нека  Ве следи низ животот и нека целосно се исполнат Вашите младешки соништа.Ви благодарам.

Охридските матуранти се  дел од големата европска манифестација  „Матурска парада“ и истовремено танцуваат со свои врсници од градовите ширум Европа.

Плесната школа „УРШКА“ од Љубљана (Р. Словенија) која е организатор на овој специфичен, интересен и оригинален начин на одбележување на матурата, и за оваа година ги најавува своите очекувања дека повторно ќе биде соборен Гинисовиот рекорд. 
Моментално, според Гинис , во Матурската парада учествувале 30.200 матуранти.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1268  пати
Објавено на: 17.05.13
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©