Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ЗАПОЧНА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТИТЕ ПОДДРЖАНИ ОД СВЕТСКА БАНКА
Untitled Document

 Со почеток на градежните активности за реконструкција на улицата “Питу Гули“ денеска  официјално  беше означен   почетокот на реализацијата  на  проектите  кои во соработка со Владата на Р. Македонија се    подржани од Светска Банка.
 


 Почетокот на реализацијата на  проектите за кои се обезбедени  128 милиони денари  го означија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
 


-Денес почнуваме  со реконструкција на улицата  “Питу Гули“ каде   ќе  се реконструираат и тротоарите. Наредниот период во Општина Охрид ќе бидат реконструирани и два кружни токови, едниот на прекрстувањето  меѓу улиците „Туристичка“ и  „Бистрица“ а другиот меѓу улиците  „Туристичка“ и  „Македонски просветители“. Исто така ќе биде реконструирана улицата „Ристо Чадо“ заедно со атмосферската канализација и тротоарите. Ќе бидат реконструирани пет улички во населба Воска Даљан со атмосферска канализација. Ќе биде реконструиран патот кон село Елшани како и   улица „Илија Смически“ во село Лескоец. Ќе бидат набавени  и пет специјални комунални возила за ЈП „Охридски Комуналец“, рече градоначалникот Бакрачески , кој потсети дека на добивањето на  средствата  од Светска Банка претходело  долготраен процес  на усвојување на стандардите и критериумите  кои ги налага оваа реномирана  меѓународна институција а  притоа  комплетната проектно- техничка документација и тендерски постапки ги спровеле стручните служби на Општина Охрид.  
 


  Вицепремиерот и Министер за финансии  Зоран Ставрески  посочи  дека  инвестициите во инфраструктурата и во отворањето работни места се двата основни начини за  подобрување на  животот на граѓаните.


- Сакам да истакнам дека овие капитални инвестиции не се единствените што се реализираат во градот. Очекувам за една година да се комплетира проектната документација и студиите за заштита на животната средина за изградба на патот до Пештани и инвестиции во изградба на болницата „Свети Еразмо“, универзитетскиот комплекс и други инвестиции насочени кон подобрување на ликот на градот Охрид, рече Ставрески кој посочи дека со влегувањето на двата гиганти од автомобилската индустрија ОДВ Еелектрик и Костал   е означен крајот  на долгогодишниот тренд на затворање погони во Охрид.

 


 -Веќе се вработени првите 50 лица во германската фабрика „ОДВ Електрик“ која што во јули ќе почне со изградба на фабрика во ТИРЗ „Охрид – Струга“ и очекуваме до крајот на првиот квартал од 2016 таа да е завршена, додаде заменик-премиерот, појаснувајќи дека истовремено се работи на реконструкција на хала во градот за компанијата „Костал“, во која ќе почне производство, што ќе значи отварање нови работни места. Дојде време да зборуваме за инвестиции и нови фабрики. Посакувам градоначалникот и неговиот тим да продолжат со успешна работа и го предизвикувам доколку успее да го реализира проектот онака како што е предвидено, за следната година му ветувам уште милион евра инвестиција во Охрид за нови проекти, истакна Ставрески.
 


Вкупната должина на улицата “Питу Гули“ чија реконструкција започна денес е  768  метри . Ширината на коловозот од 7,5 до 9 метри. Улицата ќе биде асфалтирана во два слоја со високо квалитетен асфалт  со  вкупна дебелина од 10 сантиметри. Реконструкцијата на улицата „Питу Гули“ вклучува и  изградба  на тротоарите  од двете страни со ширина од 2,2м и 1,8 м. Активностите ќе се изведуваат  во четири  фази.          
 
 

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1389  пати
Објавено на: 03.04.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©