Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПАНАХИДА И ПРИГОДНА ПРОГРАМА ВО ЧЕСТ НА ХРИСТО УЗУНОВ
Untitled Document

На спомен обележјето во селото Цер- Кичевско, каде пред 112 години се случи херојската саможртва на војводата Христо Узунов и неговата чета, денеска се одржа панахида и пригодна програма.По панахидата, пред присутните, за ликот и големото дело на војводата Христо Узунов, зборуваше градоначалниот Никола  Бакрачески.

-Се собравме, овде пред вечниот паметник на  војводата Христо Узунов и неговите соборци, да им оддадеме искрена и достојна почит за нивното големо револуционерно дело и саможртвата што ја направија пред 112 години. Сами си ги одзедоа животите, по тешката и неврамноправна битка со османлискиот аскер и тој чин на саможртва и го посветија на борбата за слободна и независна Македонија.
Нивните идеали се пренесувале од колено на колено, од генерација на генерација, од востание на востание, се до конституирањето на слободна, независна и самостојна Република Македонија.Низ сите историски премрежја, порази и победи на македонскиот народ, мисла водилка била борбата за слободна и независна Македонија со порака дека тоа е и  наш поттик, наша и мотивација на следните генерации.

- Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас - без ни најмалку да те навредувам - се чувствувам повеќе син на втората моја мајка - Македонија, отколку на тебе, која си ме родила- ќе напише Христо Узунов во писмото до неговата мајка. „Те молам - во името пак на моите свети чувства кон тебе - да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најзадоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги“ – ќе додаде Узунов.

Војводата Христо Узунов во револуционерната организација се вклучува во 1896 година заедно со Методиј Патче. Христо Узунов бил и раководител односно организатор на ТМОРО во Охридско и Струшко. Прогонуван од турската власт, на двапати бил затворен во Битола. По задушувањето на Илинденското востание, во охридскиот краj останал воjводата Христо Узунов, коj по одредено време минато на Смилевската планина, во декември 1903 година се вратил во своjата околиjа за да ги обнови растурените комитети на Организациjата. Во текот на 1904-1905 година Узунов главно својата активност ја насочил во организирање борба против присутните пропаганди, како и за разрешување на идеолошко-теоретските проблеми со кои се соочувала Организациjата.

На 24 април 1905 година, од Крушево, Христо Узунов, заминал за кичевско, придружуван од страна на 14 соработници, револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србаков и Пецето, сѐ со цел да го исполнат решението за егзекуција на петнаесетмината ренегати во една ноќ. Но, овде во Цер, биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат.Узунов и неговата дружина се одлучиле сами да си ги одземат животите и да и  ги подарат на слободата и татковината.

Денеска се поклонуваме на нивната храброст и херојската саможртва, горди што продолжуваме да го реализираме сонот на славната илинденска генерација и напорно работиме да го продолжиме делото на нашите предци. Секоја генерација си има своја борба. Нашата борба е да го подобриме животот на нашите граѓани, да се избориме за модерна, развиена, интегрирана и богата Република Македонија.

Великани, ја имате нашата Благодарност за вашето дело  и заветот дека оваа и генерациите по нас, ќе го почитуваат вашето дело и тоа ќе биде неизбришлив траг во македонската колективна меморија-рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Пред спомен-обележјето во селото Цер-Кичевско, свежо цвеќе положија делегации на Општина Охрид, институции, политички партии и здруженија на граѓани, со културна програма настапија учениците од ОУ „Христо Узунов“ од селото Другово, а на градоначалникот Никола Бакрачески му беше врачена благодарница за особен придонес во развојот на охридското основно училиште „Христо Узунов“..

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1480  пати
Објавено на: 24.04.17
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©