Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАН 23 ОКТОМВРИ- ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА
Untitled Document

Општина Охрид, со пригодна свеченост, денеска го одбележа  големиот национален празник, 23 Октомври- Ден на македонската револуционерна борба. На свеченоста, пригодно обраќање имаше претседателката на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњановска.
-Нека ни е честит и вековит 23 Октомври-Денот на Македонската револуционерна борба. Славиме , со крената глава, растреперени срца,  горди , но и одговорни пред  подвизите и жртвите на нашите претци за слобода на Македонија, свесни дека овој ден,бил,е и ќе биде  длабоко врежан во колективната меморија на нашиот народ. Верни на нивното дело, упатуваме порака дека ние како генерација ќе ја чуваме тешко спечалената слобода и независна и суверена Република Македонија, а во тој дух ќе ги воспитуваме и идните генерации.

Со пиетет се потсетуваме на 23 октомври 1893 година, кога  во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги стават основите на она, што ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Одважните визионери,  д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет, со цел организацијата да се бори за ослободувањето на  Македонија  со сопствени сили.

-Голем дел од народот помина низ какви не морални и физички мачења и лежеше по затворите, без да се издаде револуционерната тајна. И само при таква револуционерна вознес, беа возможни оние возвишени легендарни подвизи на храброст и саможртва на македонскиот борец, кој во борбата со непријателот, го задржуваше последниот куршум за себе, или пак се искачуваше на бесилката со песната, „да живее слободна Македонија ќе забележи еден од основачите на револуционерната организација д-р Христо Татарчев.

Формирањето на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација  значи почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден  1903 и Крушевската Република , Народно ослободителната антифашистичка војна и АСНОМ, резултира со создавање на современа самостојна македонска држава. Овој трнлив пат се крунисува  со референдумот од 8 септември 1991 година и прогласувањето на самостојна и суверена Република Македонија.

Созревањето на идеалите на Македонската револуционерна борба , ќе се види преку објавувањето на Крушевскиот манифест и Илинденското востание. Доказ дека Крушевски манифест, претставува документ со најлибералните идеи за односот кон другите заедници во Македонија, несомнено претставува и изјавата на  Гоце Делчев.Македонија им припаѓа на сите Македонци, без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружат сите балкански народи"ќе рече Делчев.  Илинденското востание крваво ќе биде задушено, но возвишените визии, идеи и идеали на неговите предводници беа најплодородното семе на кое се градеше и  ние денеска ја градиме современата македонска држава.

Еден од најистакнатите охриѓани кои пристапиле кон организацијата е Војводата Христо Узунов, чие проштално писмо до неговата мајка, напишано пред возвишениот чин на колективно саможртвување за татковината и ден денес со посебен вознес растреперува сечие, па и срцето на тогашните непријатели.„Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе која си ме родила. Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, ни да плачеш за мене“ – ќе напише Узунов.

Епопеите на македонската револуционерна борба, од формирањето на Внатрешната Макаедонска Револуционерна Организација, Илинден 1903, Народноослободителната антифашистичка војна, АСНОМ и прогласувањето на суверена и независна Република Македонија во 1991 година биле инспирација  за генерациите што ја граделе и градат. „Затоа Македонијо, твојот пат нагоре, а мојот кон тебе води! Твој сум, во твоите корени скриен - никојпат не ќе се разделиме! И кога јас ќе заминам, кога на дабот името ќе ти го напишам, од грутката твоја внучињата да ми ги храниш. На овој рид ќе те оставам, за да те гледам ГОЛЕМА, моја Македонијо!- ќе напишат бардовите на современата македонска литература Гане Тодоровски и Анте Поповски.

Свесни дека само со дела се градат сегашноста и иднината,  работиме на повеќе проекти со кои континуирано го подобруваме животот на граѓаните. Изградивме и асфалтиравме  десетици километри  улици во градот и околината , изградивме  четири  плоштади,  18 од вкупно 30  спортски и детски игралишта, пешачки зони и го реконструиравме кејот во Пештани. Го изградивме патот од Горно до Долно Лакочереј, патот Охрид- Велестово, изградивме нов водоводен систем во селото Елшани, а ги реконструиравме и каптажите во селото Куратица. Бројни се инфраструктурните зафати на повеќе улици во градското подрачје и приградските населби, но пралелно се работи и на други проекти. Во тек се проектите за изградба на кејот , реконструкција на малото пристаниште и доизградба на патеката кај каналот Студенчишта.   Со планираната динамика течат активностите за реализација и на капиталните проекти како што се изградбата на автобуската станица, домот за стари лица, зелениот пазар и затворениот пливачкиот базен.

Најавените инвестиции, кои ќе значат препород за Охрид почнуваат да се реализираат. Поставен е камен темелник на германската ОДВ Електрик, каде ќе се вработат 1000 луѓе, а во фабриката на Костел ќе се вработат 800 луѓе. Годинава имавме најуспешна туристичка сезона, а за скоро очекуваме почеток на изградба на нови хотелски капацитети, дел од светски познати брендови.На задоволство на охриѓани веќе течат активностите  за изградба на автопатот Охрид- Кичево, а во текот на оваа година ќе се изработи и соодветната документација за експресниот пат Охрид- Пештани.

Во областа на образованието се инвестира како никогаш до сега. Покрај решавањето на финансиските проблеми кои ги имаа училиштата и одблокирање на сметките, Локалната самоуправа вложува и во нивната инфраструктура. Извршена е санација, промена на дограма, обезбедени се клима уреди за алтернативно греење во зима, понатака изработени се елаборати за легализација на објектите и обезбедени се просторни услови за отворање на уште 3 детски градинки во околините населби на градот.
Горди и верни на слободарската традицијата на нашите претци,ние како генерација  продолжуваме со нашата битка. Нашата битка е  за подобар живот и  просперитетна Република Македонија која успешно го оди патот кон евроинтеграциите. Нашата посветеност за  развојот на Република Македонија и древниот Охрид е искрена и трајна, зошто сме свесни за одговорноста за иднината на сегашните и идните генерации- рече во обраќањето Гордана Коњановска, претседател на Советот на Општина Охрид.

Во културно-уметничката програма настапија Боби Мојсовски, хорот, оркестарот и членовите од рецитаторската секција од гимназијата „ Св. Климент Охридски“ под менторство на професорите Грета Пипилева, Александар Димоски и Љупчо  Аслимоски.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1439  пати
Објавено на: 22.10.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©