Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ЗЕМЈОТРЕСИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ, А ОВЛАСТЕНИТЕ КОМИСИИ ГИ ПРОЦЕНУВААТ ШТЕТИТЕ
Untitled Document

По денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување се одржа прес конференција на која беше соопштено дека последните мерења покажуваат дека земјотресите се намалуваат и по зачестеност и по јачина и дека паралелно овластените комисии постојано се на терен и ги утврдуваат штетите.

 

- Денеска во Охрид дојде екипа од дваесетина експерти од Институтот за земјотресно инжинерство и сеизмологија, кои веќе третпат во една недела се присутни во нашето подрачје и ни помагаат ефикасно да се справиме со последиците од серијата земјотреси.Како градоначалник изразувам искрена благодарност кон ИЗИС и Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет од Скопје, како и на нашите институции кои со стручните мислења и постапки ни помогнаа и ќе ни помагаат во справувањето со последиците  од земјоитресите и намалување на сериозната доза на страв и паника кај граѓаните- рече градоначалникот Никола Баакрачески. Тој додаде дека  за разлика од овие институции, очекувал поголем ангажман од Владата и нејзините органи, кои во ваква ситуација требало да бидат поприсутни и да помогнат во справувањето со оваа елементарна непогода.

Претставничката на екипата на Институтот за земјотресно инжинерство и сеизмологија Вероника Шендова рече дека уште по земјотресот од 5 степени  по Рихтеровата скала, нивната  екипа наишла на одличен прием и соработка со надлежните од Општина Охрид и веднаш ги започнале заедничките активности. „Ние сега во Охрид ќе останеме една недела.Ќе работиме на проценка на штетите заедно со општинските комисии, но ќе обучиме и градежни инжинери кои стручно ќе ги проверуваат оштетените но и јавните објекти. Паралелно би требало да се води и широка јавна кампања за потребата од асеизмичко градење објекти"- рече Шендова.

 

Командантот на Општинскиот штаб за заштита и спасување Ангел Јанев рече дека во текот на вчерашниот ден е испратено писмо до Министерството за транспорт и врски за да определи екипи за евиденција на оштетени објекти во старото градско јадро во кои никој постојано не живее.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1435  пати
Објавено на: 11.07.17
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©