Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ТИРЗ „ОХРИД – СТРУГА“
Untitled Document

Во технолошко индустриската развојна зона „Охрид – Струга“, денес, беше означен почетокот на новата странска инвестиција „Reci & Sons Enterprise“. На настанот покрај сопственикот на компанијата, Арбнор Речи, беа присутни и вицепремиерот, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на ДТИРЗ, Александар Малденовски, и градоначалниците на Охрид и Струга, Јован Стојаноски и Рамис Мерко.

Сопственикот на компанијата Арбнор Речи, истакна дека инвестирањето во родниот крај за него претставува остварување на еден долгогодишен сон кој што го има неговата фамилија.

Задоволство е наше што сум тука во земјата од која потекнува мојот татко, во земајта која ја носам во срцето. За мене и моето семејство, срцето секогаш било и секогаш ќе биде во Македонија. Сакам да им се заблагодарам на сите за можноста да инвестираме со што го направија овој ден посебен за мене и моето семејство. Ова е одлична мерка за да се спречат младите луѓе да ја напуштаат земјата, додаде, Арбнор Речи.

Американската компанијата „Reci & Sons Enterprise“ се занимава со производство на козметика и средства за чистење и лична хигиена.

Скоро секоја недела започнуваме со нова фабрика. Тоа е доказ дека нашите залагања преку институциите вродуваат со плод. Тоа е најдобриот одговор на сите критики кои ги слушавме периодов наназад. Најважно е што овие мерки вродуваат со плод. Заводот за статистика објави дека бруто домашниот производ во вториот квартал е во пораст од 3,1 % во споредба со истиот период минатата година. Економската политика дава резултати и државата од минусни бројки полека ја носиме во позитива и економијата полека се доведува во ред. Ние ќе бидеме посветени да правиме проекти кои ќе даваат позитивен бенифит за граѓаните. Посебно е значаен индустрискиот раст од 8,4% во однос на минатата година. Треба да се доведе во ред и градежништовото. На денешната седница на Владата на Република Македонија денес се донесе одлука за интензивирање на работите на автопатот Кичево-Охрид и железницата со што сериозно ќе се придвижи и градежништвото во државата. Јас сум посебно среќен што ова е прва инвестиција во Република Македонија по новите мерки за подддршка на инвестициите кои ги користи повратник од дијаспората, бидејќи со тој закон, поддршката за иселениците е двојна. Тој пример нека го следат и другите иселеници, рече вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека оваа инвестиција е доказ дека мерките што ги презема Владата вродуваат со плод.

Вашата одлука за мене како министер за економија и како Влада на Република Македонија е доказ дека донесовме вистински реформи во делот на економијата. Донесовме вистински закони и сме на вистински пат да постигнеме економски раст. Сите податоци покажуваат дека нашите политики водат кон стабилен економски развој и раст на бруто домашниот производ. Само во првите 6 месеци од 2018 година, странските директни инвестиции во државата достигнаа 327 милиони евра. Извозот се зголемува од ден на ден и само од компаниите кои оперираат во слободните економски зони во првите 7 месеци вредноста на извозот на стоки изнесува милијаерда и 360 милиони евра. Во споредба со истиот период лани имаме пораст од 18%, додаде Бектеши.

За директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски, инвестицијата на „Reci & Sons Enterprise“ е доказ дека македонските иселеници се враќаат.

Ова е доказ дека македонските иселеници се враќаат во земјата да инвестираат. Тоа се должи на подобрувањето на економските услови, политичката стабилност, стекнувањето на довербата во институциите и стратегијата за продуктивно вложување на капиталот. Иселениците се продолжена рака на родната земја и за нив има голем број мерки и двојна поддршка од Валдата на Република Македонија, доколку се одлучат да инвестираат во земјата, рече Младеновски.

 Објектот ќе се простира на површина од 2.500 м2 под хала и уште 750 м2 за делот на администрацијата. Комплетната инвестиција е со висина од 3.000.000 евра, а ќе се вработат околу 250 лица.

Компанијата е формирана во 2012 година во Њу Џерси, САД.

Прочитано:  570  пати
Објавено на: 06.09.18
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©