Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОДБЕЛЕЖАН 24 МАЈ - ДЕНОТ НА СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ
Untitled Document

По  повод одбележувањето на 24- мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј,  градоначалникот  на Охрид  Јован Стојаноски положи свежо цвеќе пред нивниот  споменик  во градскиот парк  на  кеј „Македонија“. Пред присутните  за важноста  на делото на просветителите, градоначалникот  рече.

-Денес и на ова место, пред нивниот заеднички монумент , со посебна чест и пиетет го одбележуваме  Денот на великите сесловенски просветители, Светите Кирил и Методиј. Нивната просветителска мисија длабоко е поврзана со историјата на овој древен град, зошто  нивното дело, токму на овој свет простор го продолжуваат нивните ученици , Светите Климент и Наум Охридски. Ова чествување има посебна димензија, зошто пораките ги упатуваме од овој духовен триаголник, каде во близина се наоѓаат и паметниците на Свети Климент и Свети Наум Охридски.Светлата трага на светите  Кирил и Методиј е културолошка вредност на словенската цивилизација, нејзините контрибуции во културно-образовната иднина и промовирањето на изворот на европската и светска историја. Нивниот космополитски код и национален идентитет е препознаен во ликот на Македонија и македонскиот народ како суштествување на сите културни атрибути во својот историско-културолошки корен и со единствената инспирација на својот прилог во историјата на цивилизациите и човештвото воопшто.Монументите  на најголемите сесловенски светители, Светите Кирил и Методиј и нивните следбеници Светите Климент и Наум, се свртени кон Охридското Езеро и кога ќе погледнеш чиниш дека, преку оваа бистра вода и нејзините бранови, заедно на светот му ја  упатуваат пораката за важноста на просветителството и хуманизмот. За нивното дело, кое е и влог во  европската култура и цивилизација , и ако задоцнето,признанието дојде дури во дваесеттиот век, кога папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS , заедно со Свети Бенедикт ги прогласи за ко- покровители на Европа.Делото на Светите Кирил и Методиј никогаш не згасна, зошто го продолжија нивните следбеници,  Светите Климент и Наум преку работата на  Климентовиот универзитет од каде околу три и пол илјади ученици тргнувајќи од  Охрид продолжиле да ја шират сесловенската писменост и култура.Ние сме горди што на  темелите  кои ги поставија  Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Светите  Климент и Наум, се надоврзаа македонските преродбеници и современата научна и творечка мисла. На нас е да продолжиме да чекориме по тој пат- подвлече градоначалникот Стојаноски.

На настанот градоначалникот Стојаноски ги дарува со книги најдобрите ученици од основните и средни училишта во градов кои освоиле 255 награди на регионални, државни и меѓународни натпревари.

Пред споменикот на сесловенските браќа Кирил и Методиј , денес  цвеќе положи и амбасадорот на Словачка во  Македонија, Н.Е Хенрик Маркуш  како и останати делегации од политичкиот и јавниот живот од Охрид.

Прочитано:  1467  пати
Објавено на: 24.05.18
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©