Градоначалникот, Никола Бакрачески денеска оствари
работна средба со амбасадорот на кралството Холандија во Р. Македонија,
Вилем Волтер Пломп кој денеска престојува во Охрид.
![](http://ohrid.gov.mk/Pictures/sredba_holandski_ambasador_400.jpg)
На состанокот што се одржа во кабинетот на Градоначалникот се
разговараше за Стратегијата за развој на Охрид со акцент на туризмот при што
беа разгледани аспектите и моделите кои битно влијаат на туристичкиот раст и
развој на градот.
Градоначалникот Бакрачески истакна дека воспоставувањето на директните авио
линии од и до охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ како и
инфрструктурните проекти пред се изградбата на автопатот до Охрид што е во
тек битно влијаат за зголемување на бројот на странски туристи кај нас
меѓу кои најбројни се Холанѓаните.
![](http://ohrid.gov.mk/Pictures/sredba_holandski_ambasador_4001.jpg)
На средбата стана збор и за управувањето со водите при што од
страна на градоначалникот Бакрачески беше истакнато дека особено е значајно
да има целосна реконструкција на колекторскиот систем како од
македонска така и од албанската страна на езерото. Притоа амбасадорот Пломп
изрази уверување за холандска поддршка на напорите кои ги прави Општина
Охрид за заштита на Охридското Езеро.
Амбасадорот Пломп беше информиран и за економскиот развој на Охрид при
што градоначалникот Бакрачески посочи дека до деведесеттите години на
минатиот век главна стопанска гранка во Охрид била индустријата, а
неколку години наназад, општината е силно посветена на развој на
туризмот како главна стопанска гранка која ќе го поттикне развојот на
другите гранки , локална агрономија, трговија, прехранбена индустрија.
На средбата беше подвлечено дека Охрид ги има сите предуслови за
развој на туризмот, а она што во моментов е најпотребно е поголема
туристичка промоција и маркетинг на Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk |