![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_3.jpg)
Бројни охриѓани, но и гости од земјава и странство синоќа уживаа во концертот на неповторливиот Горан Трајкоски, што се одржа на градскиот плоштад во Охрид.
![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_9.jpg)
На концертот беа изведени дела од неговиот најнов проект „Тешкиот глас на новите химни“. Трајкоски има зад себе долгогодишна музичка кариера, а го има ставено својот потпис и врз неизбришливи музички големини како „Анастасија“, „Падот на Византија“ и „Мизар“. Со настапот на Трајкоски и официјално започнаа свеченостите по повод одбележувањето на еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија.
![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_6.jpg)
Централната свеченост ќе се одржи на 27-ми и 28-ми мај во Охрид, каде е се` подготвено, ова милениумско чествување да помине достоинствено и во духот на универзалните хуманистички дејности. Активностите се распоредени во периодот од мај до декември годинава, кога се предвидени многубројни настани, научни и академски собири, издавање на значајни публикации, спортски културни, образовни и уметнички активности.
![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_8.jpg)
На централната свеченост со пригоден концерт ќе се приклучи и Македонската филхармонија. Ќе настапи камерниот оркестар во придружба на хоровите од братството на манастирот Рајчица и Св. Јован Бигорски. Диригент ќе биде Борјан Цанев, а ќе се изведат композиции со тематика од македонските тропари.
![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_5.jpg)
Ова ќе биде првиот голем јубилеј, кој Македонската православна црква – Охридска архиепископија го слави како поврзување на нејзиниот континуитет со Охридската архиепископија.
![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_4.jpg)
![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_1.jpg)
![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_2.jpg)
![](pictures/24_05_2018_GORAN_T_7.jpg)
|