Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОХРИД ПОДГОТВЕН ЗА СПОРТСКИОТ СПЕКТАКЛ –ПЛИВАЧКИ МАРАТОН 2014
Untitled Document

Дваесет и двајца натпреварувачи од 14 земји ќе учествуваат на  утрешниот јубилеен  60-ти   пливачки маратон што  ќе се одржи на патеката „Климе Савин“ од манастирот „Свети Наум“ до градското пристаниште во Охрид. На 30-километарската патека во водите на Охридското Езеро точно напладне ќе запливаат 16 мажи и шест жени од Казахстан, Бразил, Аргентина, Италија, Белгија, Франција, Македонија, Германија, Чешка, Хрватска, Русија и Шпанија.     

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески   на денешната средба со новинарите што се одржа по повод  утрешното случување, упати јавна  покана и апел до сите граѓани на Македонија, охриѓани, гости и туристи масовно да го проследат  маратонот и  истакна дека од оваа година и во сите наредни Општина Охрид максимално ќе се залага  маратонот да добие организација каква што заслужува, онака  како што и била   во годините на основањето  со цел да се укаже на значењето на настанот.


-  За нас охридскиот пливачки маратон има посебна важност со оглед на тоа што е амбасадор на Охрид и е еден од начините на кој градов  ги афирмира своите вредности. Но во исто време пливачкиот маратон претставува и туристички бренд на Охрид, односно  тој е дел од туристичката понуда на градов.   Оваа година заедно со Пливачката федерација на Македонија,  Агенцијата за млади и спорт  со Сојузот на спортови од Охрид ,   Јавни Претпријатија, Армијата на Република Македонија, СВР, Министерството за транспорт и врски претставено преку Капетанијата и секако медицински тим,  се вклучивме во организацијата  со цел ова издание на пливачкиот маратон да помине во најдобар можен ред и да се претставиме во најдобро светло онака како што доликува за една професионална организација на вака значајна пливачка манифестација  како што е охридскиот пливачки маратон. Овој настан е  еден од амбасадорите на Македонија  во Светот  и е  своевиден дел од туристичката понуда на Охрид во летниот период, потенцира градоначалникот Бакрачески.


Македонската гордост, Томи Стефаноски кој за многумина е фаворит и кој најдобро котира на светската пливачка листа на долги патеки што значи дека  доколку исплива прв ќе биде светски шампион во пливање за 2014, на денешната средба со новинарите укажа дека конкуренцијата на утрешната трка е голема но и дека  посакува прв да доплива на целта.

 
-Има 10 до 12 тркачи кои ќе се борат за пиедесталот. Тука сме првите 8 од маратоните што беа во Канада а  тука е и второ пласираниот од минатогодишното светско првенство во Барселона,Белгиецот  Рикеман, тука е Италијанецот  Едуардо Стокино кој беше трет на европското првенство во Берлин. По ова можете да видите дека конкуренцијата е голема и ќе имаме огромна борба за пиедесталот. Што се однесува до мене оваа година сум во топ форма , во Канада тоа го докажав.  Имав три недели после втората трка така да се надевам дека сум доволно опоравен. Стартот и се друго  може да биде најубаво но важно е  кај Канео и Горица да се чувствувам добро, ако тука е се во ред ќе имаме шанси за пиедесталот. Голема желба ми е годинава да се качам во Охрид бидејќи и на најдолгата трка во Аргентина од 88 км бев трети. Бев прв на најтешката трка, се надевам да имам  шанси за  пиедестал на мојата најдрага трка. Само да немам проблеми во текот на трката  и ќе дадам се од себе добро да се пласирам. Конкуренцијата дава можност за 10 минути да се променат сите работи, изјави Стефаноски.


Елена Илиевска од Пливачката федерација на Македонија упати јавна благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески и општина Охрид  кои како  никогаш досега се  заложиле  околу организацијата на годинешното маратонско издание.


-          Посебна благодарност би сакала да изразам до општина Охрид  и градоначалникот Бакрачески бидејќи по долги години за прв пат Општина Охрид активно се вклучува во организацијата и реализацијата на охридскиот пливачки маратон со што придонесе истиот  да добие нов лик и се надеваме дека годинешниот маратон ќе биде еден од најуспешните маратони до сега, потенцира  Илиевска  која  изрази јавна благодарност и  до генералниот покровител ,претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов до Агенцијата за млади и спорт , генералниот покровител  Македонски Телеком и до помагателите на настанот “Дуна компјутери“, винарска визба “Тиквеш“, “Виталија“, Армијата на Република Македонија, СВР, Капетанија, медиумските покровители. 


 
Техничкиот делегат на  Интернационалната пливачка федерација   FINA,  Џон Вест укажа дека е чест да се биде дел од охридскиот пливачки маратон


-          Како интернационална пливачка федерација почестени сме да се вратиме во Охрид на уште едно издание на оваа трка која е дел од гранд при серијата . Има неколку трки кои имаат долга и убава историја како овој маратон. Ова е еден прекрасен настан и чест ни е што сме дел од случувањето  во чија организација  учествуваме изминатите неколку денови и подготовката на трката се одвива многу добро. Разбираме дека се работи за  голем ангажман во организирање на овај настан во кој сме инволвирани последните неколку години  и сакаме да се заблагодариме на градот  Охрид  и заедницата што го овозможуваат овој настан, изјави Вест.      


 Техничкиот делегат на маратонот Јане Карајованов  исто така смета дека годинава случувањето е најдобро организирано до сега за што голем удел има Општина Охрид


-          Јавно се заблагодарувам   на градоначалникот Никола Бакрачески на Општина Охрид,  на сите  охридски јавни претпријатија , на Министерствата  за внатрешни работи, за одбрана и за транспорт и врски што   оваа    сме  многу поподготвени од минатата година . Сите стандарди што ги наметнува FINA ги исполнивме уште пред да дојдеме тука официјално во Охрид, така што не очекува убава и пред се  безбедна трка  . Охрид  го заслужува тоа . Маратонот  е репрезент како за  Охрид така и за Пливачката федерација на Македонија . Ние сме препознатливи во Европа и светот  поради охридскиот пливачки маратон. Се надевам на што е  можно повеќе посетители   и мирно езеро утре , рече Карајованов.  
Инаку утре знамето на Македонија покрај Томи Стефаноски ќе го бранат и нашите Евгениј поп Ацев, Александар Панчевски и Александар Илиевски.  Во женска конкуренција годинава ќе нема претставничка од Македонија.


 Традиционално  по пристигнување на сите учесници на Градското пристаниште, покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов  на тројцата најдобро пласирани во машка и женска конкуренција ќе  им ги додели наградите. Наградниот фонд за 28-от Пливачки маратон е 10.000 долари.
Годинава Општина Охрид во соработка со Сојузот на спортови , охридската Капетанија и Јавните претпријатија застанува зад целосната техничка организација  на Пливачкиот  Маратон. Значи   организацијата  во поглед на чамци -придружба, контролни чамци, глисери, бродови, водител, културно –уметничкиот дел на  манифестацијата која се однесува на моментот на  пристигнување на  пливачите, нуркачи, спасувачки  екипи  и слично паѓа на товар на Општина Охрид.


 Со заложба  на градоначалникот Никола Бакрачески  денес се  вршат здравствени прегледи на пливачите. Вечерва во  рамки на фестивалот “Охридски трубадури“ ќе има официјално претставување  на маратонците, на сцената поставена пред кафе бар “Објектив“.

Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид бил одржан 1962 година на патеката Пештани – Струга - Охрид во должина од 36 километри. Победник на овој маратон бил египјанецот Абу Хеиф, а третото место му припаднало на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победила неговата сестра Атина Бојаџи.


Годинава,  се навршуваат 60 години од првиот организиран маратон во Охрид, во 1954 година на релација Горица - Охрид во должина од 2,5 километри, каде учествувале осум натпреварувачи. Победник на овој маратон бил Нико Нестор.
Охридскиот пливачки маратон  годинава е  во организација на Меѓународната пливачка организација – ФИНА, Пливачката федерација на Македонија, Општина Охрид и Каптеанијата на пристаништата.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1325  пати
Објавено на: 22.08.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©