Со утринска молитва и ритуалното принесување на курбанот – жртвата, која
симболично го претставува приближувањето кон Бога, денес муслиманските
верници го започнаа четиридневното празнување на Курбан Бајрам.
![](http://ohrid.gov.mk/Pictures/kurban_bajram_2016_4001.jpg)
Градоначалникот Никола Бакрачески со дел од своите соработници,
присуствуваше на настанот на кој беа принесени 10 глави – жртва за
празникот, а месото солидарно беше поделено на повеќе од 300 семејства од
социјално ранливи категории. Во оваа прилика Бакрачески, честитајќи го
празникот истакна:
![](http://ohrid.gov.mk/Pictures/kurban_bajram_2016_400.jpg)
- Овој ден ги покажува солидарноста и сомилоста како универзални
вредности и ние како заедница која се стреми за искрен соживот и разбирање
помеѓу сите граѓани, искрено им го честитаме празникот не само на нашите
сограѓани, туку и на сите верници од муслиманската вероисповед во Република
Македонија. Ваквите денови можат и треба да бидат поврзувачки елемент, за
едно похармонично општество со взаемно почитување и уважување меѓу сите
граѓани на нашата земја.
Фаик Бајрам, еден од организаторите на настанот, ја изрази својата
благодарност до градоначалникот Бакрачески и Локалната самоуправа за
поддршката на овој настан, со уверување дека и во иднина ќе се почитува
долгата традиција на взаемно почитување и изградба на заедничка подобра
иднина за сите граѓани.
Извор: www.ohrid.gov.mk |