Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СО БОГАТА ПРОГРАМА ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖАТ 1 000 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА
Untitled Document

На највисоко државно и локалоно ниво со бројни културни, научни, академски образовни и спортски настани кои ќе се реализираат во период од месец мај до декември годинава ќе се одбележува еден милениум од постоењето на Охридската Архиепископија. Претседателот на државава, Владата, Македонската филхармонија и општина Охрид се главни поддржувачи на активностите на Македонската православна црква за одбележување на еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ.

На прес конференција што денес се одржа во општинската зграда беа изнесени детали околу централните свечености кои ќе се одржат во Охрид.

Градоначалникот Јован Стојаноски посочи дека е гордост и обврска милениумското чествување да помине достоинствено и во духот на универзалните хуманистички вредности.

  • -На овие простори, според научни сознанија, имало континуиран живот 7000 години, а траги оставале речиси сите цивилизации. Тие траги видливи се и сега и се сведоци за богатата историја на Охрид.Тука секој може да ги види наслагите на минатото, да ги види ранохристијанските базилики, прекрасните мозаици и бројните цркви со ретките фрески и икони. Посебно место во нашата богата духовна историја има Охридската архиепископија, која освен на македонско тло се простирала и на српска, бугарска и албанска територија, а во тоа време Охрид се развива во центар на православието и културата. На тој цврст темел на Охридската архиепископија е изградена и нашата Македонска православна црква, нашиот духовен светилник и неизбришлив белег на нашиот духовен идентитет.Делото на Светиот Апостол Павле, кој на овие простори почнал да го шири христијанството, подоцна го продолжуваат Светите Климент и Наум Охридски, учениците и следбениците на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.Тие продолжуваат со мисијата на ширењето на сесловенската писменост и култура, а Свети Климент го отвора, според многумина најстариот универзитет во Европа, со околу 3 500 ученици. Испреплетеноста на важни културни и историски настани, го прават Охрид, крстопат на цивилизациите, духовен и центар на сесловенската писменост и култура. Токму поради тоа, одбележувањето на 1000 годишнината од формирањето на Охридската архиепископија е голем настан за нас но и за сите земји од православието – рече градоначалникот Стојаноски.

Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски посочи дека станува збор за одбележување на несекојдневно значаен настан црковен и духовен кој го обединува нашиот народ. Тој упати повик до сите братски балкански народи да дојдат во Охрид и да присуствуваат на централната свеченост што на крајот од мај ќе се одржува по повод 1000 години Охридска Архиепископија.

  • - Централната свеченост за одбележување на настанот ќе се случи за две недели во Охрид. На 27 мај во црквата Св. Софија ќе се случи свечена академија по повод јубилејот под покровителство на Претседателот на Р. Македонија каде свои пригодни обраќања ќе имаат државниот и црковниот врв. Наредниот ден, 28 мај ќе се одржи литургиското чествување коешто ќе биде соборно, а ќе чиноначалствува Поглаварот на Македонската Православна Црква во сослужение на сите членови на светиот архиерејски синод со сите свештено служители и монаштвото на МПЦ- истакна Сотироски.

На централната манифестација на 27 мај свое учество ќе има и Македонската филхармонија.

  • - Со пригоден концерт на централната свеченост во катедралната црква Св. Софија на 27 мај ќе се приклучи и Македонската филхармонија. Ќе настапи камерниот оркестар во придружба со хоровите на братството од манастирот во Рајчица и манастирот Св. Јован Бигорски. Камерниот оркестар ќе го води истакнатиот диригент Борјан Цанев, а за приликата ќе се распишат аранжмани на композиции со световна тематика од македонските тропари ,објасни шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратоски.

За одбележување на големиот настан 1 000 години од основањето на Охридската архиепископија, Охрид очекува бројни гости од земјава и странство.

ПРОГРАМА ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ 1000 ГОДИНИ ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

Прочитано:  1955  пати
Објавено на: 14.05.18
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©