Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СВЕЖО ЦВЕЌЕ ПРЕД БИСТИТЕ НА ИЛИНДЕНСКИТЕ ВЕЛИКАНИ
Untitled Document

Во чест на националниот празник Илинден, делегација на Општина Охрид, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески, претставници на градскиот совет, пратеници и претставници на политчки партии, денес во спомен паркот на илинденските великани, положија свежо цвеќе, во знак и почит кон нивното дело.

- Собрани сме тука денес на Илинден, нашиот најголем национален празник, денот кој ја симболизира вековната борба на македонскиот народ за своја држава, но и за правда, човекољубие  и  хуманост,  да им оддадеме достојна почит на великаните на македонската револуционерна и народно ослободителна борба. На Илинден во 1903 година, после пет века османлиска власт, Македонецот  се крена на востание воден од желбата да ги доживее човечките правдини, да ја почувствува слободата и да го почувствува достоинството!
Ние Македонците иако во 1903 година бевме без своја држава, земајќи го оружјето и кревајќи се на востание пред самите себеси  и пред целиот свет покажавме дека сме народ со сопствен национален код и потреба за живеење во своја држава, а со Крушевскиот манифест покажавме дека иако под ропство,  уште пред  111 години сме биле еден од нај визионерските народи во Европа , кој ги повика сите луѓе од различни вери и нации на градење рамноправно општество и тоа во време кога и во најмодерните и најнапредните држави владееле расни и етнички поделби. Ние Македонците со пишувањето и прокламирањето на Крушевскиот манифест кој е своевиден идеолошки предвесник на модерната Европа  и документ чија суштина денес може да се каже дека е темел на сите модерни општества во светот, обезбедивме место во историјата како визионерки народ, кој знаел како треба да се живее со сите народи со кои ја делиме земјата на која живееме. Денес кога се навршуваат  111 години од Илинденското востание и 70 години од заседанието на АСНОМ , собрани сме тука во центарот на нашиот Охрид да ги одбележиме двата Илиндена и да се сетиме на славната епопеја на нашите предци , кои не жалејќи го својот живот и својата младост , себеси се вградија во темелот на нашата држава која ја создадоа за нас , за ние денес да ги уживаме придобивките на слободата, да живееме во човечко  достоинство и со исправени глави како дел од модерниот и слободен свет.
И денес, во векот во кој Европа и човештвото се обидуваат светскиот поредок да го изградатат онака како што пишувало во Крушевскиот манифест и онака како што мислел Гоце Делчев , земјата каде настанал манифестот и живеел мислителот се држи во заложништво, се уценува да се обезличи и себе избрише идентитетски , да се откаже од она што повеќе од 20 векови се пренесува од предците на потомците.
Денес почитувани сограѓани за нас секој ден е Илинден!
Секој ден ние ја водиме борбата да го дочуваме она што некој сака да ни го украде, а не може да се украде бидејќи не е материјално и се носи во нашите срца, души и мисли, дадено како наша душа од Господа, кој такви не дал на светот – Македонци , такви биле нашите предци, а сигурни сме дека такви и ќе останат и нашите деца – истакна во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.

За историското значење на двата Илиндена зборуваше, професорот по историја Бобан Блажески, а   ансамблот БИЛЈАНА Јуниор изведе сплет од македонски револуционерни песни.

Синоќа со пригодна свеченост и положување свежо цвеќе пред паметникот на Илинденците, празникот беше одбележан и во селото Велгошти.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1310  пати
Објавено на: 02.08.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©