Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ГРУЕВСКИ И БАКРАЧЕСКИ ОСТВАРИЈА СРЕДБИ СО ЖИТЕЛИТЕ ОД ЛЕСКОЕЦ И ВЕЛГОШТИ
Untitled Document

Во рамки на денешната посета на премиерот, Никола Груевски во Охрид, заедно со градоначалникот Бакрачески остварија средби со жителите на охридските села Лескоец и Велгошти и ги посетија градежните активности на автопатот од Охрид до Кичево.
Граѓаните од овие населени места се заблагодарија директно на премиерот за посветеноста со која се реализираат ветените проекти, но и изразија благодарност до градоначалникот Бакрачески за неговото несебично залагање за реализација на што повеќе проекти во Охрид. Во посетата на Лескоец, премиерот Груевски констатира дека во изминатиот период во ова населено место се преземени голем број на активности и проекти со кои се подобрува животот на жителите. Тие ја посетија реконструкцијата на една од главните сообраќајници во Лескоец, улицата „Илија Смически“ каде градежните работи се при крај. Средствата за нејзина реконструкција ги обезбеди Локалната самоуправа преку Светска банка.

Реконструкцијата чини  над 5 милиони денари. Исто така во Лескоец во тек е изградбата на водоводен и канализационен систем, а работите да  завршат во март идната година. Градежните зафати чинат околу милион евра.  Во ова населено место во тек е и изградбата на повеќенаменско игралиште кое се гради по барање на жителите.

На прашање од заинтересираните граѓани за судбината на вработените во „ЕМО“  Охрид, премиерот соопшти дека во тек е преземање на 55 вработени, кои одговараат со стручна подготовка, а ги презема МЕПСО.  За останатиот дел од вработените, премиерот изјави дека дел од нив ќе ги преземе германската фабрика „Костал“.

- Германската фабрика „Костал“ што ќе гради фабрика во Охрид закупи дел од капацитетите на „ЕМО“ и ќе ги задолжи долгорочно, односно ќе ги преземе кога ќе ја изгради новата фабрика. Во разговорите со претставниците на „Костал“ минатата седмица, рекоа дека ќе преземат одреден бројка, можеби 50-60 од работниците на „ЕМО“, така што ќе се дојде до бројка од 100 -110 работници коишто ќе го решат својот статус, додека за преостанатите има една странска компанија заинтересирана да земе дел од објектите на „ЕМО“ коишто се вон употреба и би вработила од 50 до 60 работници. Тоа не можам да го ветам во туѓо име, но откако слушнаа за влезот на „Костал“ сами повторно се јавија со прашање дали понудата важи, така што се трудиме да привлечеме што побрзо инвеститори коишто ќе им дадат работа на луѓето, рече Груевски.

Жителите од Велгошти изразија голема благодарност за изградбата на спортската сала, за која што потенцираа дека од голема важност за велгоштани и за охриѓани кои исто така ја користат. Покрај тоа тие на премиерот му предложија неколку мерки и барања за решавање на инфраструктурните проекти во селото.

На крајот од посетата Груевски и Бакрачески се упатија кон Пресека, каде во тек е изградбата на автопатот од Охрид до Кичево. Во овај момент на делницата кај Пресека се асфалтира, а како што најави премиерот дел од автопатот околу осумнаесет километри граѓаните ќе можат да ги користат веќе во 2016 година.  Во моментов од автопатската делница се пробиени околу 77 проценти, а во тек се градежните работи на осум потпорни ѕида, од кои еден е целосно завршен. Интензивно се градат и тунелите, а се пробиени повеќе од 6000 метри од тунелот „Пресека“ кој ќе биде долг околу два километри.

 

Премиерот најави дека кон средината на 2016 година предвидено е да започне изградбата на експресниот пат од Охрид од Пештани. Во моментов оваа сообраќајница се проектира и за неа се обезбедува потребната документација.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1322  пати
Објавено на: 12.11.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©