Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СО ПОСВЕТЕНО ДОМАЌИНСКО И ОДГОВОРНО РАБОТЕЊЕ ДО БРОЈНИ ПРОЕКТИ ЗА ДОБРОТО НА ОХРИД И ОХРИЃАНИ
Untitled Document

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски денеска даде отчет за сработеното за првата година од неговиот мандат.

По тој повод обраќањето на градоначалникот Стојаноски пред  бројната публика во големата општинска сала  го објавуваме интегрално:

Почитувани,

Измина една година од моето доаѓање за градоначалник на општина Охрид и како што ветив, во духот на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните, ќе ми дозволите накусо да Ви соопштам што се направивме и како го реализираме ветеното. 

Со посветено, одговорно и домаќинско работење реализиравме бројни проекти за да ги подобриме условите за живот на сите граѓани, да ги зголемиме можностите за социјален и економски развој и да ги зачуваме природните, културните и духовните обележја на Охрид, на радост и задоволство на сегашните и идните поколенија. Ветивме и континуирано сме отворени за соработка и во служба на граѓаните. Секојдневно реализираме активности  за да ја реализираме заедничката визија Охрид да биде среќно, хармонично, сигурно и посакувано место за живот, работа и одмор. Охрид да биде град со иднина, град на младоста и надежта.

Согласно со мојата изборна програма, се сконцентриравме на трите основни столбови за ефикасно функционирање на Локалната самоуправа, а тоа се: СТРАТЕШКИОТ ПРИСТАП ЗА РАЗВОЈОТ НА ОХРИД, КОНСОЛИДАЦИЈАТА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И РАЗДОЛЖУВАЊЕТО НА ОПШТИНАТА.Таквиот пристап  покажа дека само со јасно утврдени цели и алатки за нивна реализација, на модерен начин може да се менаџира Локалната самоуправа, која мора и е сервис на граѓаните.

Развојот на Охрид и задоволувањето на потребите на граѓаните, не може успешно  да се реализира со носење на времени решенија, туку треба да се базира на потготовка на стратегии, на чија изработка посветивме и ќе посветуваме посебно внимание. Започна изработката на стратегија за урбана мобилност за периодот од 2019 до 2030 година, со која нашата општина, прва во Република Македонија да има ваков стратешки кокумент.

Проблемот со сообраќајот  го решаваме врз основа на посебна студија чија изработка е во тек, а во неа ќе биде инкорпорирана и микро-стратегијата за централното градско подрачје. Од областа на туризмот се работи на ревидирање на стратегијата за развој на туризмот за подолг период која се работи со помош на швајцарската агенција „ Свис контакт“.
Тука треба да се спомене и носењето на подстратегија за рурален развој за периодот до 2023 година, документ кој ќе ни овозможи да аплицираме и да користиме средства од европските фондови.

На добар пат сме , конечно да го решиме проблемот со функционирањето на колекторскиот систем. За оддржувањето и реконструкцијата на овој капитален комунален објект општините Охрид и Струга немаат доволно финансиски средства и затоа веруваме во ветувањето дека системот на управување ќе го преземе Владата на Република Македонија. Исто така убедени сме дека ќе продолжат веќе започнатите активности за користење средства од странски фондови. Заедно со трансграничните проекти како што е оној за Дримскиот басен се прават исклучително важни чекори за заштита на  Охридското Езеро.

Исто така, за реката Сатеска се предвидува реконструкција на пренасочувачкиот објект за регулирање на водата во периоди на високи води (зимски и пролетни периоди), што ќе доведе до намалување на 150.000 м3 седименти кои на годишно ниво се депонираат во водите на Охридското Езеро. годишно.Општините Охрид, Струга и Дебарца веќе се во напредна фаза за изнаоѓање средства за реализација на овој проект во соработка со Канцаларијата на УНДП, а Владата на Република Македонија да помогне  да се постигне побрза и поефикасна соработка во процесот на добивање дозволи за реализација на проектот.

Ветивме и континуирано и систематски спроведуваме активности за заштита на Студенчишкото блато како природен феномен зачуван со милениуми. Бараме  извори на финансирање, со  кои не само што ќе се изработи студијата, туку и ќе се реализира целиот проект што ќе резултира  со интегрална заштита на Студенчишкото блато негово ставање во функција на користење во едукативна намена, а исто ќе се искористат и можностите за проширување на туристичката понуда на Охрид.
По долгогодишни постапки конечно просторот на поранешната касарна „ Михајло Апостолски“ е во сопственост на општина Охрид. Согласно урбанистичкопто решение таму ќе бидат сместени неколку институции и училишта, а ќе има и други објекти со содржини кои ќе го подобрат животот на граѓаните од овој дел на градот.Неколкуте образовни институции ќе добијат подобри услови за одвивање на образовниот процес, а морам да споменам дека интензивно работиме на подобрувањето на условите за работа и во другите училишта.

Забележавте дека добар дел од моето обраќање го посветив на стратешките документи кои ќе ни бидат цврста база на која ќе ги темелиме нашите идни проекти, но морам да кажам дека паралелно, секојдневно работевме на подобрување на условите за живот на граѓаните. Асфалтиравме повеќе улици, градевме тротоари и патеки, нова водоводна и канализациона мрежа и реализиравме уште мноштво комунални проекти. Сетоа тоа го има во мојот целосен отчет кој ќе биде поставен на официјалната веб- страница на општина Охрид.

Но сепак, не можам а да не споменам дека без многу помпезности и свечени отварања ја асфалтиравме улицата „ Македонија“ од кружниот тек кај градскиот плоштад до пресекот со улицата „ Јане Сандански“ , а речиси се е подготвено за реконструкција на Кејот „ Македонија“ . Ја расчистивме депонијата „ Мауцкер“ , се гради и пешачката патека од градската саат кула до „ Лабино“ . Со тоа го покажуваме нашиот стил на работа водени од премисата „ не само зборови, туку дела“.  

КОНСОЛИДАЦИЈАТА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА беше наша мнгу важна работа. Со правилно менаџирање и  претходно изготвена стратегија за работа  обезбедивме  финансиска консолидација на охридските јавни претпријатија коишто за период од една година бележат пораст на приходите и намалување на трошоците по сите основи.

-ЈП “Билјанини извори“ е целосно ориентирано кон модернизација во работењето. Кратење на трошоци со воведување на новиот систем за наплата при паркирање со SMS пораки. Со тоа има видна рационализација на трошоците и избегнување на загуби при наплатата. Тоа значи дека со помал број паркинг места да се добијат исти финансиски резултати. Во изминатава година Јавното претпријатие оствари приход од 27.985.132,00 денари. Во истиот период беа исплатени 7.540.652,00 денари, додека во спортската инфраструктура инвестиравме 1.715.230,00 денари.

-Во тек е постапката  со која  МЈП „Проаква“ се дели на три претпријатија ЈП „Водовод Охрид“, ЈП Водовод – Струга , а засебен правен субјект ќе ги преземе обврските за колекторскиот систем. Во „Водовод“ Охрид е извршена консолидација на инкасаторската служба  со цел да се соберат податоците за реалната потрошувачка на вода на територијата на општината што значи попрецизно фактурирање и подобра наплата. За таа цел набавен е нов софтвер за евиденција на потрошената вода. На сите водомери се поставени бар- кодови кои се читаат при евидентирањето на потрошената количина вода. Во ЈП „Водовод“ Охрид  по пет години се  исплатени  придонесите за  здравствено осигурување на вработените. Сега сите вработени во претпријатието се здравствено осигурани и се исплатени сите заостанати плати и започна редовната исплата на платите.

-ЈП „Охридски Комуналец“ бележи успешна финансиска година.Евидентно е намален долгот на претпријатието по сите основи, преку континуирано, редовно и навремено подмирување на долговите  кон  добавувачите, долговите по основ на кредити, затезни камати и судски решенија.  Главниот долг кон А.Д.„Охридска банка„   е намален за 2.297.813,00 денари , а по основ на камата по кредитот исплатени се 142.036,00 денари. Врз основа на спогодби намалено  е плаќањето на  каматата  во износ од 604.610,00 денари. Во ова претпријатие  при крај е постапката за набавување на шест нови возила,четири комунални, еден трактор и една цистерна. Во тек е постапката за регистрирање на стационар за кучиња скитници кој ќе биде сместен на локалитетот Мауцхер, а деновиве е распишан тендер за ветеринарни услуги.  Екипи на претпријатието периодов активно работеа на расчистување на депонијата кај Мауцхер. 

 -Како резултат на зголемениот ангажман  и учество во реализација на бројни инфраструктурни проекти успешна финансиска година бележи и ЈП “Градски Гробишта“. За една година ова претпријатие успеало да реализира проекти во вредност од  5. 302.508 денари.

-ЈП НИСКОГРАДБА ОХРИД – Охрид во периодот ноември 2017 – октомври 2018 година, своето финансиско работење го насочи кон исплата на стари долгови по извршни решенија и инвестирање на финансиски средства во инфраструктурни градежни активност. Исплатени се вкупно 5.008.515,00 денари по основ на стари долгови од 5 (пет) извершни решенија. Во овој период  претпријатието  работеше на проектите на Општина Охрид во кои учествуваше при изградба на фекална и атмосферска канализација , хоризонтална сигнализација како и поплочување со бекатон плочки.

-ЈП „Градски Пазар“  со свои екипи и опрема изминатиов период  учествуваше во реализација на инфраструктурни проекти,а на задоволство на охриѓани  за прв пат обезбеди функционирање на мини пазар кај Општата Болница  во кој се  исполнети  сите услови за продажба на продукти.

Согласно  неколкуте спроведени анализи и  утврдување на редовните обврски  долгот на Општина Охрид по стари обврски е намален за 100 милиони 914 илјади 576 денари. Преку склучување спогодби и регулирање на односи со доверители Општината има остварено заштеда од 17 милиони 572 илјади 707 денари. 

Во однос на долгот што го има ОУ „Григор Прличев“ наместо 15 милиони и 800 денари благодарение на заштеда преку отпис на камата плативме 9 милиони и 403 893,00 денари, а со останатите доверители во тек е потпишување на спогодби. Се очекува сметката на ОУ „Григор Прличев“ да биде целосно деблокирана најдоцна до  првиот квартал на 2019 година. Дополнително извршивме заштеда преку отпис на камата.    

Целосното раздолжување на општината зависи  од капацитетот на државниот буџет и  политиките на  централната власт на чело со Премиерот Заев  кој во неколку наврати покажа интерес за целосно подмирување на основицата на долгот.

Во нашата работа не заборавивме ниедна сфера и се трудевме секаде да помагаме и да реализираме разни активности. Тоа го правевме и ќе го правиме со многу труд и професионалност, водени од мислата дека ние работиме за граѓаните, за решавање на нивните проблеми и за побогат и посреќен живот.

Прочитано:  827  пати
Објавено на: 19.11.18
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©