Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СО СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ЗАВРШЕНИ ЧЕСТВУВАЊАТА ЗА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Untitled Document

Со свечена академија во хотелот Инекс, посветена на заштитникот на Охрид и Патрон на Македонската Православна Црква, Свети Климент Охридски, се заокружија годинашните чествувања, на која беа доделени највисоките општински признанија. Во присуство на советници, пратеници, делегации од збратимените градови од повеќе држави и граѓани, поздравно обраќање имаше градоначалникот Јован Стојаноски.

- Во многувековното битисување на Охрид низ неговите цивилизациски пластови свој белег оставиле неимари и војсководци, цареви и освојувачи, владетели и духовни водачи, кои со своите дела ја моделирале вечноста на овој град. Грандиозното и божествено дело на Св. Климент Охридски со својата просветителска, хуманистичка и посебно духовна вредност ги надминува сите негови претходници и сите негови наследници и е најцврст темел за нашата посебност во севкупната човечка цивилизација. Св. Климент е хуманист и просветител, духовен човек и наш најголем светец. Неговото дело кое нераскинливо е врзано со Охрид, Македонија и Европа претставува драгоцен придонес за светската цивилизациска традиција – истакна во своето обраќање градоначалникот Стојаноски.

На свеченоста градоначалникот Стојаноски на проф. д-р Никола Бошале  му ја врачи Наградата за животно дело Св. Климент Охридски - Патрон на Охрид. Проф. д-р Никола Бошале е автор на дваесеттина научни дела за вредното културно наследство на Охрид и еден од најголемите хроничари на животот во градот.

- Му благодарам на градот во кој минав долг период во истражувања како на животот така и на делата на Св. Климент Охридски, како и на граѓаните на Охрид и сите кои ми помогнаа да издржам низ децениите и да го посветам севкупното мое творештво за оваа цел, за да се оддолжам на мојот роден град Охрид. - истакна добитникот на највисокото оштинско признание проф. д-р Никола Бошале.

Годинашни добитници на Повелбата Свети Климент Охридски се проф.д-р Ангела Крстаноска Василевска и регионалното Супер Радио.

- Оваа награда многу ме задолжува. Правев и ветувам дека уште многу ќе правам и придонесувам за овој град, рече професорката Крстаноска – Василевска.

– Благодарам во мое лично име и во името на целата екипа на Супер радио.  Охрид нам ни даде 25 незаборавни години и се надеваме дека барем малку му се оддолживме на целата негова големина, истакна Сашо Митаноски, сопственик на Супер радио.

Свеченоста беше збогатена со пригодна културно уметничка програма во рамки на која настапи познатиот македонски хор „Злата Мегленска“.

Прочитано:  1474  пати
Објавено на: 09.12.17
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©